ФОРМИРАН МАКЕДОНСКИОТ ВИНСКИ КЛУБ

НАТО го промовира виното на „Сковин“

Со дегустација на вината почна активноста на Македонскиот вински клуб, невладина организација формирана по иницијатива на претставници на НАТО во Скопје

Со дегустација на шест вина на „Сковин“ завчера во Скопје беа промовирани активностите на Македонскиот вински клуб. Вкусот и аромата на „македонско бело“, „шардоне“, „вранец“, „Марков манастир“, „шира каберне“ и „мускат“ ги оценуваа стотици гости и дипломатскиот кор во земјава. „Сковин“ го промовира и првото македонско пенливо вино на пазарот.

Промоција на македонските вина преку организирани дегустации и вински тури е идејата на членовите на новата невладина организација Македонскиот вински клуб, која ја формираа домашни и странски почитувачи на нашите вина.

- Формирањето на овој клуб беше по иницијатива на неколкумина странци од мисијата на НАТО. Претседателот на Клубот, Дејв Влам од Холандија, е автор на неколку книги за производство и дегустација на вино. Уште неколку негови колеги имаат винско образование во нивните земји. Сите тие ги сакаат македонските вина и дојдовме до идејата да формираме клуб - раскажува Сашко Голов од мисијата на НАТО задолжен за односи со јавноста на Винскиот клуб.

Тој вели дека дегустирале вина од повеќе земји така што ги покривале етикетите и без да знаат кое вино од каде е, ги оценувале. Се случувало француските да бидат на трето место, а некои од македонските на прво.

Во Клубот членуваат само консументи на виното, а не производители. Голов објаснува дека намерата е еднаш во месецот да се организираат дружења и посети на македонските винарници на кои ќе бидат поканети сите дипломати.

- На тој начин, тие ќе имаат можност да ги пробаат сите македонски вина и да ги промовираат во своите земји. Од друга страна, забележавме дека во Македонија има производство, но не е развиен винскиот туризам - вели Голов.

Од Македонскиот вински клуб велат дека винарниците дури сега ги применуваат светските искуства - соби за туристи во винарниците, правила и посебни простории за дегустација и слично. Токму на завчерашната прва дегустација на вината на Сковин во Скопје, врвни македонски и европски енолози на посетителите им даваа насоки за професионално дегустирање на виното. 


СО ВИНАТА НА „СКОВИН“ ОПИЕНОСТ НА СИТЕ СЕТИЛА

Македонскиот вински клуб секој последен четврток во месецот ќе организира дегустации на вино

Прекрасен полн вкус кој ги дразни сите сетила и предизвикува чувство на целосна омаеност, вака ги оценија седумте вина на винарската визба „Сковин“ присутните на завчерашната дегустација во хотелот „Александар палас“, организирана од страна на Македонскиот вински клуб. Македонскиот вински клуб, формиран пред една недела, првично ентузијастички создаден од лица чија голема љубов е токму пијалакот на боговите, секој последен четврток во месецот ќе организира дегустации на вино, а честа да бидат први им припадна токму на вината на „Сковин“.



Служењето одреден вид храна со одреден вид вино само ја заокружи сликата на наполно доживување на храната и пијалакот. Дегустацијата опфати седум вина на „Сковин“.

„За добредојде во секоја пригода се препорачува пенливото вино. Тоа е прво македонско пенливо вино по класична метода, што значи дека секое шише е со посебна ферментација. Од белите вина кои прават чекор со својот вкус на пазарот се вината „водно“, кое е купажа од совињон и семијон, мешавина која дава екстрактивност и свежина, кои комбинирани одговараат со сите лесни јадења. „Шардоне“ е вино кое се смета за камелеон во категоријата бели вина, затоа што го има на сите континенти и успева секаде. Тоа е полно вино со мирис на јаболко, банана и јужно овошје со висок процент на алкохол и е препорачливо да зрее во буре. „Вранец“ е претставник на македонските црвени вина, кое е полно екстрактвино вино со мирис на шумско овошје. Ново вино на „Сковин“ е „сирах каберне“, кое се смета за вино на 21 век. Станува збор за вино кое потекнува од Персија, а неговите главни карактеристики се зачинските ароми со мирис на модра слива и овошје, лесно, пивко, пријатно за пиење. За круна на македонското винарство се смета „марков манастир“, бидејќи е прво врвно македонско вино. Потекнува од една микролокација со одредена контрола на производство, кое дава вино кое е комплексно и полно. „Мускат“ е ароматично вино кое одговара со сите десерти, но може да се комбинира и со храна“, објаснува Надежда Софијанова, технички директор на „Сковин“.

Во дегустирањето на прекрасните креации на ’Сковин‘, кои помагаат да се чувствуваме пријатно и релаксирано, најважно се сензорните осети на арома и вкус, а тие се исполнети со пополнување на сите потребни параметри, вметнати токму во овие вина, оценија енолозите. (А.С.)